Интервју со Сашо Стојановски
Како и кога се роди желбата за тапани и од каде идејата за ваков подвиг да се направи инструмент, кој самиот процес е многу комплексен ,особено кога станува збор за сет на тапани?
Првенствено бев фасциниран од самиот инструмент и неговата функционалност уште од најмала воздраст. Импровизирав тапани од се што можеше да се најде по дома и нормално наидов на негодување од родителите од самата галама што ја правев. Сепак тоа беа тенчериња, тавчиња, метални тањири и слично. Кога станува збор за мојот прв посериозен инструмент во тој период,тоа е мојата многу драга приказна .Бев осмо оделение кога со мојот најдобар другар и истомисленик Александар Андоновски се обидовме да направиме сет на тапани. Имавме некоја замисла и дарба и за краток период ги направивме. Сепак тоа беа тапани направени од буре за зелка(Bass drum), Пресечени буриња од маслинки(Toms),капаци од тенчериња(cymbals),ренген снимки како кожи за тапаните и други работи најдени во подрум. 🙂 Пуста желба…Истиот тој другар за да ме изненади за роденден ми ја направи и првата дупла педала.Штета што немам ниту една слика! Подоцна тој се определи за многу поодговорна животна професија додека јас понесен од мојата желба за тапаните останав во музичките води и тоа ми е основна професија.
Во почетокот на средношколските денови како поклон од моите родители го добив мојот прв професионален сет на тапани. Сепак беше основен сет но далеку по сериозен од се што имав предходно.Токму во овој период-би рекол нај убавиот период на секој тинејџер, ми се случија најубавите и најискрените искуства во поглед на музиката. Дружби со бендови, создавање на авторска музика, усовршување на инструментот како и првите почетоци на кавер свирки од каде имавме и финансиска стимулација. Автоматски имав можност да си приуштам многу поквалитетен инструмент. Како созревав, ги осознавав големите разлики во самиот инструмент, неговата изработка,звукот и останатите параметри.
Низ годините поседував и користев нај различни сетови на тапани,од нај ефтини па се до најскапи. Но сепак би рекол дека цената не е пресудна. Голем удел има и самиот инструменталист кој го свири инструментот. Ова важи општо за сите инструменти. Еден ист инструмент кога би го свиреле различни инструменталисти би звучел различно, поготово кога се работи за нај акустичниот инструмент-тапаните. Нормално, голем удел има и изборот на самите кожи, просторот во кој се свири, штимот на тапаните, изборот на тапани, нивниот состав и пред се за кој тип музика станува збор.
Колку трае процесот за изработка на еден сет на тапани?
Самиот процес на изработка е индивидуален во зависност во какви услови се изработува. Во манифактурното производство кај познатите светски производители на тапани оди прилично брзо од причина што сепак тоа е фабрика и работата е поделена по сектори или погони. Располагаат со прецизни машини и алати каде поголем дел од процесот е системски.Така што секој сектор опфаќа своја проблематика околу самиот производ. Конкретно во мојот случај во домашни услови и со некомплетен алат оди многу многу поспоро…
Голем хендикеп во нашата држава е што немаме избор на делови за тапани. Јас конкретно купував делови од странство(Hardware), соработував со фирми кои сепак направија исклучок да ми испорачаат помала количина и тоа по моја спецификација.
Процесот во мојот случај траеше прилично долго затоа што првобитните шелови беа со некаков недостаток, меѓутоа учев од грешките кои ме чинеа и време и пари.
Кој метод го имате употребено за изработка на шеловите?
Мануфактурно има многу современи методи кои си повлекуваат машини и алати кои чинат многу финансии. Во домашни услови е многу комплицирано да се добие прав производ. Низ годините за среќа успеав да комплетирам основен алат и се пуштив во авантура. Јас избрав метод на изработка во парчиња или Stave. Истиот принцип како изработка на буре. Само што за изработка на добар шел потребни се идеални парчиња залепени под одреден агол за да се формира круг. Првично тоа е многу грубо но во наредната фаза машински се глода до перфекција на идеален круг.
Поради изборот на дрво -Американски орев, шеловите беа многу шарени и им додадов слој од истиот материјал за да биде визуелно покомпактно.
Какво дрво се користи за изработка и како истото влијае на звукот на тапаните?
Во денешно време има голем број производители на тапани кои освен дрвото како материал користат и други материјали како пластика, алуминиум, бронза, титаниум и многу други.Секој материјал си има своја специфичност, карактер, тоналитет, структура која директно влијае врз самиот звук на тапаните.
Изборот на дрво е малку индивидуален момент и има огромно влијание врз самиот тон и експресија на тапаните. Нај употребуваните дрва за правење на тапани се Бреза(Birch) И Јавор(Maple), мегутоа тапани се прават и од цреша, орев, бука, од егзотични и хибридни дрва.
Јас избрав тоа да биде орев затоа што е тврдо дрво кое има темен тон и карактерно е најблизок до јавор . Го има топлиот тон од јаворот со добар баланс на ниски, средни и високи фрекфенции кои овозможуваат разноврсен опсег на подесување.
Би рекол не е важно кој вид на дрво ке го изберете затоа што има и други параметри кои се многу битни во самиот процес на изработка. Тоа се: дебелина на шелот ,bearing edge-от, длабочина на самиот шел и многу други ситници кои се многу битни.
Сепак треба да се има основно познавање околу изборот на дрво бидејки секое дрво си има карактер и тонски обсег.
Дали тапаните се хибридни или не ?
Вообичаено е самиот сет да содржи некое парче електроника за да бидат хибридни . Во поглед на материјалите кои што ги користев за овој сет на тапани би рекол дека тотално се хибридни.
Во самиот сет има дрво,пластика и метал. Идејата ми беше да добијам стабилен тон на бас бубањ,конкретни томови и добош кој сепак е длабок а со висока рефлексија, бидејки сум рим схот свирач. Околу изборот на материјал за добошот бев во дилемма- дали да биде дрво или метал. Сепак го направив од алуминиум и го добив тоа што ми требаше. Самиот шел е обложен со ист финиш како и остатокот од сетот.
Токму од тука произлегува идејата малку подлабоко да навлезам во самата суштина на тапаните, нивната изработка, изборот на дрво, метал, пластика, звукот и изборот на финиш кој исто така има голем визуелен и би рекол комерцијален удел .
Огромна желба и предизвик ми беше да се обидам да направам пред се свои Custom тапани што ке ми одговараат на мојот стил на свирење и потреби.
Од голема помош ми беше што секундарно се занимавам и осознавам занаетски професии кои се лесно достапни на You Tube каналот. Само човек да има малку дарба и желба да истражува.
Кои димензии се применети и зошто?
Околу самите димензии на сетот гледав да биде практичен сет од повеќе аспекти. Од аспект на транспорт да биде со помали димензии а од аспект на тон ми беше битно да е доволно длабок бидејки се работи за 8 и 10 како томови и 13 инчи како флоор. Со некои отстапки од нормалните сетови во поглед на bearing edge-от, дебелината на шелот и изборот на кожи го постигнав тоа .
SS HYBRID AMERICAN WALNUT
- Bass drum – 20 x 16
- Snare – 13 x 6.5
- Jungle snare – 10 x 3.5
- Tom – 8 x 6.5
- Tom – 10 x 6.5
- Floor tom – 13 x 12
- Mini okto – 6 x 9.5
Дали аглите имаат стандардни 45 степени Bearing edges ?
Аголот на секој шел е еден од нај битните детали во правењето на тапани. Секоја фирма зависно од моделот на тапаните си имаат своја дефиниција во поглед на bearing edge-от.
Bearing edge-от е место каде што кожата лежи на шелот. По самиот удар по кожата, вибрацијата се пренесува преку аголот до шелот и се произведува тон. Голем удел за квалитетот и резонацијата на самиот тон зависи од овој агол.Овој агол ја одредува насоката на резонацијата и во склоп со дебелина на шелот и квалитетот на самото дрво се произведува одреден тон.
Постојат повеќе типови на bearing edge-ови и историски гледано во поглед на оваа проблематика кај тапаните, секоја деценија низ годините наназад се рефлектирала со одреден звук.
Низ годините се провлекува се помодерен саунд , кој е многу тесно врзан со изборот на bearing edge-от на самиот шел.
Во последно време мислам дека се повеќе самите тапанари и продуценти тежнеат кон тој старомоден сауд- Back to the roots.
Мојот избор за агол на шеловите од мојот сет некако ми беше искрено експеримент. Но не и така случајно. Многу време поминав читајки по интернет страници поврзани со правење на тапани. Сфатив дека права дефиниција нема, а и да има никој нема да ви ја пренесе во целост. Сепак секој си има свое размислување и свој начин на работа и методи.
Од многуте типови на агли јас се базирав на еден основен модел на bearing edge а тоа е едностран 45 степени агол од внатре кон надвор. Вака поставен агол рефлектира минимален контакт со шелот, останува подолго да вибрира кожата и се добива остар,посовремен звук и голем atack. Тоа ми беше основата и произволно додадов агол од надвор кон внатре,малку заоблен и добив поконкретен тон без присуство на овер тонови. Сепак храбрите малку и среќата ги прати. 🙂
Дали во иднина планирате масовно производство?
Би бил пресреќен кога би се занимавал со оваа дејност од причина што е креативна, се работи во етапи и фази и е долгорочен процес кој после некое време се согледува успехот на крајниот производ. Треба многу трпение и истрајност што до некаде го исцртува мојот карактер.
Ова сепак за мене беше еден подвиг и обид да направам свои Custom тапани кои ке ми бидат во функција.
Не планирам никакво масовно производство од причина што не може во нашата држава да се опстои од производство на тапани. Може би бил пресрекен да се вработам во некоја светска фирма за тапани.
Сепак ке ми остане како хоби со кое ке им помагам на моите колеги тапанари за било каков проблем со нивните тапани како што правев и до сега.
Малку повеќе за твојот промо сингл за овој сет на тапани за кој има аудио и видео запис и соработката со целата екипа.
Завршната фаза на целиот проект околу тапаните беше неминовно да се испромовира. Идејата ми беше да снимам композиција со која би го испромовирал мојот сет на тапани.
Композицијата се вика Different и е посветена на мојот син Филип и на сите најпосебни дечиња на планетава..
Напишав музика на која колегите Владимир Ботев и Зоран Костадиновски се погрижија за аранжманскиот дел. За Аудио продукцијата се погрижи Горан Гешовски кој во бендот е и басист. За видео продукција беше задолжен Владимир Митревски-Гуле кој е искусен видео продуцент и тапанар кој точно знаеше како тоа да изгледа тоа како и неговата поубава половина Маја Јакимовска. Анимација Предраг Икономовски. Останатите членови во бендот се: Мирослав Милковски-клавијатури, Трајче Велков-труби, Кирил Кузманов-алт,тенор и баритон саксафон,Зоран Костадиновски-ел.гитара и Ратко Даутовски-перкусии.
Бескрајно благодарен на сите за безрезервната поддршка околу целиот проект.
Искрено се надевам дека во догледно време би ги снимил и остатокот од идеите што ми се во глава и би го извадил мојот прв самостоен албум.
Која е приказната позади овој сет тапани и што е тоа што ги прави посебни?
Во суштина целиот овој проект е посебен за мене. Целата идеја е инспирирана од мојот син Филип. Филип е весело дете со успорен психомоторен развој со силно развиени чуства и љубов кон околината и семејството. Низ сите овие години се трудиме да се интегрираме во нашиот систем и да бидеме дел од образовниот процес во нашата држава . Користиме дефектолошки и логопедски дружења како дома така и во училиште на свој сопствен трошок, како и многу други родители во нашата држава. Целиот овој проект освен што има конструктивна уметничка цел за мене има и идеолошка цел барем малку повеќе да се подигне свеста во нашето општество и им се посвети повеќе внимание на сите посебни дечиња .
На глобално ниво би рекол дека е пандемија поголема од моменталнава. Последните статистики на светско ниво укажуваат дека секое шесто дете има некаков проблем, што е многу загрижувачки.
Во западните земји третманот на ваквите деца е на многу високо ниво и е неспоредливо со нашата држава. Имаме семејства кои едвај излегуваат на крај финансиски да посетуваат стручен третман за своите деца, а во голем дел има ситуации каде и родителите имаат потреба од стручен совет. Овие родители се најголемите борци кои заслужуваат секаква почит. Од страна гледано се е така фино и избалансирано меѓутоа во реалноста само тие родители си знаат на што се се спремни.
Ќе пробам да го доловам моментот во една реченица како е да се живее со посебно дете – “Тоа е исто како да правиме со некого муабет за војна, а тој не ни учевствувал во истата”.
Околината е од огромно значење, таа придонесува за подобра интеграција на дечињата во социјалните средини. Како се доживуваат ваквите деца би го споредил со една слика на Ван Гог која на секого остава впечаток со своите големи контрасти на боите, емоцијата во самата драма која што се случува во сликата, и самата замисла на авторот.
Впрочем ,многу малку луѓе би останале рамнодушни на Ван Гоговата слика . Не случајна е идејата логото на тапаните да биде токму од пазли. Пазлите се универзална симболика на сите посебни дечиња на планетава земја. Од тука произлегува посебноста на овие тапани кои се директно инспирирани од мојот син. Од тука е идејата и поривот малку да се оттргнам од секојдневието и истражувам во некој поинаков свет.
Имам огромна поддршка од фамилијата, од мојата сопруга кој е столб на моето семејство и секогаш сме заедно во овие модерни времиња на предизвици. И на крајот сфатив една работа: доколку човекот има силна мотивација и желба тогаш може да помести и планина ,но за некои работи е толку немоќен што може само да се помоли на Бог и да се надева на подобро утре.
Што би им препорачале на луѓето кое го читаат вашето интервју?
Би сакал да им препорачам да не сонуваат туку да го живеат својот сон. Ние самите сме слободни да го направиме изборот кој го сакаме,да го следиме сонот на нашето срце и на тој начин ке бидеме поенергични,инспиративни и мотивирани. И да,никогаш нема да биде доволно само да започнеме со некоја работа,треба да бидеме силни,да работиме на реализацијата на соништата,и покрај сите препреки да истраеме и да продолжиме понатаму.